Подгответе се за патување со авион во пост COVID

Авиокомпаниите веќе ги усогласија мерките со кои ќе се обидат брзо да ја вратат довербата во авиосообраќајот. Пред се тоа се специјалните системи за вентилација со НЕРА филтри кои го менуваат воздухот во кабината секои 2-3 минути и спречуваат ширење на контаминиран воздух. Хигиената во авионите ќе биде на повисоко ниво поради дезинфекција на сите делови во кабинскиот простор, кои се во допир со патниците (седишта, потпирачи за раце, појаси за врзување и сл.), после секое слетување.

Аеродромите истотака веќе се подготвени и оперативни за „новото нормално„. Влезовите во терминалните згради ќе се контролираат, ќе се обезбеди социјално дистанцирање во секоја фаза од процесот, и хигиената ќе биде на повисокот ниво.

Но, останува и најважната алка во ланецот, а тоа се патниците кои истотака треба да се подготват за патување во пост-COVID.

Основно е да се измери телесната температура непосредно пред да заминете на аеродором. Доколку имате покачена температура, или некои од симптомите за вирусно заболување, НЕ одете на аеродром. Тарифите кои сега ги продаваат авиокомпаниите се далеку пофлексибилни во однос на промените на датумот на патување. Информирајте го вашиот агент, или директно авиокомпанијата пред да започне вашето патување дека сте спречени да патувате поради болест. Проверете ги условите за влез во државата каде што патувате, дали се оди во карантин, дали е потребен медицински формулар и сл. Пополнете 3-4 копии на т.н PLF (Passenger Locator Form) формулар, бидејќи голем дел од државите бараат од авиокомпаниите да ги достават овие документи за секој слетан патник. Понесете доволен број заштитни маски во зависнот од должината на вашето патување. Пристигнете 1 час порано, од она што сте го сметале порано доволно рано, на аеродром. Имајте со себе средство за дезинфекција на рацете, но не во пакување поголемо од 100 мл. Доколку е можно регистрирајте се за летот преку Интернет за да „прескокнете„ еден дел од процесот во терминалот.

Кога ќе пристигнете на аеродром, почитувајте ги правилата за социјална дистанца, и носете задолжително заштитна маска. Во зградата нема да може никој да ве испрати, бидејќи само оние со авиобилет за тековниот ден ќе можат да влезат во терминалот. Доколу ви е потребна асистенција, побарајте го тоа од аеродромските службеници на влезот во терминалот. Бидете подготвени дека целиот процес на минување низ аеродромскиот терминал и самото влегување во авион ќе се одвива многу побавно од она на што сте навикнати. Понесете што е можно помал рачен багаж, односно ограничете се на мал ранец, торба, или женска ташна. Кабинскиот персонал дефинитвно ќе го ограничи бројот и големината на рачните торби во кабината (пријавете се на шалтерите за регистрација, условите за дозволен багаж се „поблаги„ во моментов).

За време на летот почитувајте ги упатствата на кабинскиот персонал, носете заштитна маска, и одбегнувајте допир на било која површина во кабината (дури ни подесувачот за вентилацијата над седиштето). Авиокомпаниите ќе нудат на влез влажни марамчиња, кои можете да ги искористите дополнително да ги пребришете површините на вашето седиште. Не очекувајте никаква услуга ниту продажба за време на летот. Поради настанатата ситуација авиокомпаниите го избегнуваат сервисот и продажбата за време на летот.

По слетувањето не станувајте од седиштето додека не добиете дозвола од кабнискиот персонал. Поради одржување социјална дистанца излегувањето од авионот ќе биде контролирано од екипажот. Во аеродромската зграда по слетувањето носете сеуште заштитна маска и почитувајте ја социјалната дистанца.

И така ќе се одвива авиосообраќајот, барем некое време во иднина, во очекување дека и овој предизвик на човештвото ќе биде совладан навремено.