Wizzair во времето на COVID-19

На вебинарот од 22.април на еминентното списание Aviation Week, Јозеф Варади, првиот човек на Wizzair изнесе интересни факти за авиокомпанијата, нејзините сегашни активности и плановите за пост COVID периодот. Инаку според магазинот, Wizzair е авиокомпанија на годината за 2020.

Wizzair моментално операрира со 3 % од своите капацитети. Главна активност во сегашниот период е воздушниот мост меѓу Кина и Унгарија кој го одржува со над 50 летови. На тоа се надоврзуваат и доста карго летови на истата релација. Изненадувачки е дека Wizzair оствари и т.н. repartriation летови за граѓаните на САД, така што авионите на Wizzair слетуваа во Лос Анѓелес, Њујорк, Мајами.

Wizzair е најстабилна европска компанија, со ликвидност од 18 месеци, што значи дека без никакви летови компанијата може да опстане до октомври 2021. На тоа може да се додаде и помошта која Велика Британија ја дава на авиокомпаниите, што за Wizzair изнесува 300 милиони фунти.

Планот на Wizzair е да не откаже ниту еден авион од поставените нарачки, кои се 20 нови авиони за наредните 25 месеци. Тоталната нарачка на Wizzair е 270 авиони од Airbus, претежно А321neo. Тој е изборот на компанијата за главен тип авион во флотата. Варади тоа го оправдува со помалите трошоци (до 20%) кои ги прават новите авиони поради својота технолошка напредност, и тоа го прави Wizzair многу конкурентен на нестабилниот пост COVID пазар. Имплементацијата на најнова технологија е чекорот што го прави компанијата на сите полиња, како во одржувањето на авионите, така и во интеракција со патниците. Интернет страницата на Wizzair покрива 89% од целата продажба што е резултат на вложувањата во најновата web технологија. Овозможува сега секој патник исклучиво преку страницата да побара и добие рефундација на неискористените авиобилети поради COVID, или да добие ваучер во вредност од 120%. Податоците велат дека 70% од патниците на Wizzair се одлучуваат за ваучер.

Откако ќе се отвори небото Wizzair очекува да почне лета со 30% од својот капацитет. Се очекува помладите патници, кои се и главна таргет група, бргу да ги пополнуваат нивните седишта. Потоа Wizzair очекува да лета со полн капацитет за наредните 6 месеци, сметајќи притоа и на новите пазари кои ги отвора во Абу Даби и централно-источна Европа.

На прашањата како ќе изгледа авиосообраќајот Варади смета дека дефинитивно ќе има нови протоколи во поглед на хигиената на аеродромите, и нагласува дека новата флота на Wizzair веќе има специјални системи за вентилација, кои придонеле ниту еден патник да не се зарази од Корона на било кој лет на Wizzair.

Тајната на силината на Wizzair ја гледа во различниот пристап на Wizzair во однос на големите национални европски компании. Имено, додека останатите пресметувале „добивка на хартија„ Wizzair ги штедел своите кеш заработки и не ги трошел во облик на нови несигурни инвестиции, ниту давал зголемени дивиденди на своите акционери.

Ситуацијата каква што е сега во авио индустријата смета дека е неодржлива, и дека ќе се промени, но тоа ќе зависи само од државите во ЕУ, кои досега реагирале доста некоординирано и неплански, на предизвикот од COVID.